Македонија
28. December 2022 - 16:30

Тупанчевски: Законските измени ќе ги решат проблемите во правосудството

Проблеми во правосудството има, но ќе се решаваат со измени во законите. Ова е ветувањето на првите луѓе од правда по низата забелешки за работата на судовите и обвинителствата и падот на довербата кај граѓаните.

Застарувањето предмети е голем проблем за правосудството, смета министерот за правда. На брифинг со новинарите, Тупанчевски се осврна на предметот Таргет-Тврдина, кој по одлуката на Апелација се заканува негово застарување, па министерот вели: Од хеликоптер се гледа дека нешто не е во ред. Дури 9-10 месеци предметот стоел во Апелација.

За проблем го смета менаџирањето на судовите, па вели дека предлог законите кои се во процедура ќе спречат понатамошно застарување на предметите.

Заменикот на Тупанчевски пак не смета дека е афера тоа што над четиристотини студенти полагале правосуден испит со недовршен факултет. Нухиу побара кандидатите кои полагале предвремено, да не бидат мета во јавноста. Прстот го впери во службите на министерството.

„Комисијата за полагање правосуден испит е административно тело и не може без докази да носи одлуки, туку според документите кои ги поседува кандидатот. Ако треба да има одговорност, таа треба да се бара во комисијата“, вели Нухиу.

Нухиу кој преку Фејсбук му го честиташе изборот на обвинителот Абази, денеска вели дека честитката не се однесувала кон личноста туку ги поздравил новите правила кои го демократизирале процесот.