УНИЦЕФ предупредува за опасностите кон децата бегалци
Досега 1.5 милион деца побегнале од Украина поради војната, покажува последниот извештај на Уницеф. Исто така половина од околу 7.5 милиони од малолетните лица колку што има во земјата биле принудени да ги напуштат своите домови и да заминат во областите каде ситуацијата за сега е помирна. Од организацијата посочуваат дека 500-тини малолетници сами без придружба изминатиот месец ја поминале Украинско – Романската граница. По нападите од Русија стотици вакви примери се регистрирани и на останатите премини. Неколку деца меѓу кои и сестрите Анастасија и Оља од Киев без своите родители пред 10-тина дена пристигнале во Скопје. Сместени се кај украинско семејство кое живее во земјава. Четири дена патувале низ Украина за да стигнат до Словачка од каде дошле во Македонија. Мајка им морала да остане поради болната баба, а татко им не смеел да ја напушти државата.
-Ние сме тука со сестра ми. Многу ни недостигаат родителите и сите роднини. Сакам што побргу да се вратиме во нашиот дом, во нашиот прекрасен град. Секоја вечер кога разговараме со нашата мајка, сестра ми која е помала од мене постојано плаче и сите се молиме што побргу да се вратиме во Украина и конечно да престане војната, изјави младата Анастасија од Украина.
19 годишната Анастасија ги прекинала студиите на државниот филозовски факултет, а нејзината 7 годишна сестра Оља е второ одделение, но следи он лајн настава од Скопје бидејќи наставничката секој ден им држи часови.
Според податоците од амбасадата, поради војната околу 500 граѓани на Украина дошле во Македонија и сместени се кај роднини и пријатели.
Од Владата велат дека досега никој не побарал статус на бегалец.
Податоците на УНХЦР покажуваат дека по нападите од Русија кои почнаа пред 1 месец Украина ја напуштиле 3,5 милиони лица.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
