Условна затворска казна од една година за поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата во предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, изрекувајќи ѝ единствена условна казна затвор од една година за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Судот ја прогласи Димитровска за виновна за оддавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете кривични дела изречена е една единствена казна затвор во времетраење од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело.
Во истиот предмет, Судот го прогласи за виновен ревизорот Миле Столевски за кривичното дело компјутерски фалсификат. Нему му е изречена алтернативна мерка условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.
Tретообвинетата Билјана Петровска-Мантева е ослободена од обвинението, бидејќи Обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело оддавање службена тајна.
Во образложението на пресудата, судечкиот совет наведе дека секое оддавање податоци и информации не само што го урива интегритетот на ДКСК туку претставува и повреда на службената должност.
Судијата Илија Трпков нагласи дека претседателот на ДКСК не само што раководи со работата на Комисијата, туку е и олицетворение на довербата во јавноста.
Според обвинителниот акт, Димитровска се товареше дека оддавала службени информации на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и дека ревизорот Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.
На завршните зборови одржани на 8 јули, Обвинителството побара осудителна пресуда, посочувајќи ја функцијата на Димитровска како отежнителна околност, додека одбраната бараше ослободителна пресуда со тврдење дека не се понудени докази што ја потврдуваат вината на обвинетите.
Странките имаат право на жалба на пресудата до Апелациониот суд во рок од осум дена.
МИА
Ново на Сител
-

Ослободителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски за случајот со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
-

Условна казна затвор од една година доби екс претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска
-

ДНК на судијата Ристов пронајдена на фолијата со 350 илајди евра
-

Партиите без компромис, Изборниот законик останува заглавен
-

Регионализација и дигитализација во здравството приритет и за Клековски - новите министри ги презедоа функциите
-

Долгови, неисправни камиони и спорни исплати: Што откри државната ревизија во „Комунална хигиена“
-

Костадиновски: Протестите за улиците во Тетово се протести против владеењето на правото
-

Преглед на вестите од светот
