Уставниот суд без судии - апел од Кацарска до политичарите да извршат избор
Несериозно за државата е Уставен да работи со помалку судии, смета претседателката Кацарска. Апелира до Собранието, итно да ги избере четворицата судии, бидејќи како што вели, се загрозува легитимитетот на одлуките, а се губела и довербата во правниот систем. Освен известувањата до законодавниот дом дека треба да избере судии, Кацарска и со лични ургениции барала комплетирање на судискиот состав.
„Се обидувам во непосредни комуникации со Министерот за правда, со господинот Талат Џафери, да замолам, што поскоро се изберат судиите на Уставниот суд, но моите ингеренции завршуваат тука. Писмено не треба да ми одговорат ништо, Јас сум должна да ги известам за завршување на мандатот, а тие се должни да ги изберат судиите. При комуникација со Нив, постојано ми кажуваат дека што поскоро ќе бидат избрани судиите“, вели Добрила Кацарска, претседател на Уставен суд.
Половина година Уставен работи со шестмина, а од идниот месец, мандатот завршува за уште еден судија, па како што вели Кацарска, судот повеќе нема да може да носи одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство, како што се одземање на имунитет на претседателот на државата и утврдување негова одговорност. Се проблематизира и носењето на останатите одлуки, бидејќи секогаш ќе треба едносгласнот од петтемина судии. За Кацарска, неизборот на судии не е политички притисок врз Уставен.
„Имам чувство како Собранието да сака да го игнорира Уставниот суд. Како да не ја знае која е улогата на Уставен. Лично сметам дека не треба да има препукувања, се работи за уставни судии и според мене треба да се изберат навистина квалитетни судии“, вели Кацарска.
Составот на Уставен брои деветмина судии. Поради завршен мандат на една третина од судиите, не може да се постапува по законот за високо образование, законот за даноци за моторни возила, Јавно обвинителство, одлуката за додаток на пратениците.
Уставниот суд лани одржал 37 седници, решил 173 предмети, а укинал делови од пет закони. За првпат по седум години, судот одржувал и подготвителни седници за оспорени закони.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
