Македонија
22. March 2022 - 16:42

Уставниот суд ќе одлучува за уставноста на „недела неработен ден“

Недела неработен сепак ќе се најде под лупа на Уставниот суд. Стопанската комора иако најави, не ја повлече иницијативата со која се оспорува законот кој недела го прави неработен ден. Велат се одлучиле на таков чекор бидејќи, Владата не го исполнила ветувањето за измени во законот..Комората барала недела да не биде нужен ден за одмор, а корекции се барале и за работењето на маркетите кои за разлика од Скопје, во помалите градови останале затворени.

Од Уставниот суд велат дека иницијативата на Стопанската комора наскоро ќе се најде пред судиите.

„Немаме добиено поднесок за повлекување за конкретната иницијатива. Вообичаената процедура кога има повлекување е да има административно окончување на постапката на седница. Но во овој случај, во тек е претходна постапка и по иницијативата се постапува“, велат од Уставен.

Стопанската комора во јануари побара Уставен да пресече дали законот ја ограничува слободата на пазарот на претприемништво и создава нееднаквост на граѓаните.

Неколку денови подоцна на средба со владините претставнци беше најавено дека комората ќе ја повлече иницијативата и заеднички ќе се бараат решенија за проблемите кои произлегле од законот за недела неработен ден.