Уставниот суд пред предизвикот да одлучува неуставно
На повидок е можна блокада во работата на Уставниот суд. Идниот месец за уште еден судија завршува мандатот, па на овалната маса наместо предвидените девет, ќе седат само петмина уставни судии. Првата таква седница на Уставен со речиси преполовен број на судии, предвидено е да се одржи во јануари. Претседателката Кацарска, за Сител вели дека, со новонастаната ситуација, се доведува во прашање работата на судот кој се грижи за уставноста и законитоста.
„Уставниот суд е пред предизвик да одлучува со помал број на судии од она го предвидел Уставот, а предвидел вкупно деветмина. Ќе продолжи да се работи со редуциран состав, редовно ќе се одржуваат седници, но каков ќе биде исходот од одлуките и дали воопшто Уставниот суд ќе успее да носи одлуки е прашање“.
Со петмина судии, Уставен повеќе нема да може да носи одлуки за кои е потребно двотретинско мнозинство, како што е одземање имунитет на претседателот на државата, а не може ниту да се бира претседател на судот. Назначувањето на нови уставни судии, е работа на паралментот.
„Во неколку наврати апелирам, да се почитува Уставот и пратениците да ги изгласаат судиите и да се пополнат испразнетите места, за да може судот со полн капацитет да носи квалитетни одлуки во кои граѓаните ќе имаат доверба“, вели за сител, претседателката Кацарска.
Половина година Уставен работи со помал број на судии откако во Собранието беше прекината седницата за избор, а во моментов комисијата нема ниту претседател. Предлозите за уставни судии доаѓаат од пратениците, а единствен услов е кандидатите да се истакнати правници.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
