Утре ќе нема јавен превоз во Скопје, вработените пак немаат земено плата
Скопјани утре остануваат без градски превоз. Вработените повторно влегуваат во штрајк откако денеска не добија плата за јануари, иако советниците кон крајот на јануари ги изгласаа субвенциите за Јавното сообраќајно претпријатие.
Според информации на Сител, Град Скопје веќе префрлило пари до ЈСП. Но причина за доцнењето е комплицираната пресметка на ноќните смени и прекувремените часови. Раководството ќе направело напори уште утре да ја исплати јануарската плата, но поизвесно било вработените да ја добијат во понеделник.
Во официјалниот допис од ЈСП велат дека платата не доцни, а причината за протестот била политиканство.
-Платите се исплаќаат редовно во тековниот месец за разлика од платите кои во Македонски Пошти доцнат шест месеци, платите во МЗТ доцнат три месеци, потешкотии со исплата на плати има и во скопските општини. Платите во ЈСП Скопје се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа. Веруваме дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои, велат од ЈСП.
Координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева во телефонски разговор за Сител вели дека не знае каде е проблемот и зошто вработените во ЈСП не добиле плата во законски утврдениот рок. Вели, нивната работа како советници ја завршиле со гласањето на субвенциите, а потоа се е во рацете на Градот и Претпријатието.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека со последните случувања вистината излегла на виделина.
-Ретко кога сме изненадени, но не очекувавме дека за толку брзо ќе излезе вистината на виделина, и да се добие потврда за ставовите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, дека ЈСП е бунар без дно, и дека покрај изгласаните 700 милиони денари субвенции Арсовска уште не исплаќа плати за вработените на ЈСП, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вработените во ЈСП вторпат во историјата го прекинуваат јавниот превоз, и тоа во помалку од два месеци.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
