Утре ќе се прави уште една ексхумација на жена, поради сомнеж дека е жртва на серискиот убиец од кумановско
Утре ќе се прави уште една ексхумација на повозрасна жена, за која Обвинителството има сомненија дека и таа е жртва на серискиот убиец од кумановско. Обдукцијата на втората жена, 36 годишната Марија покажала дека и таа била убиена од 25 годишниот осомничен убиец, иако претходно била закопана како почината од ненасилна смрт.
Засега истрагата за него се води за две убиства, но доколку се потврди дека и жената која утре ќе биде ексхумирана е убиена од 25 годишниот овчар од кумановско, ќе се бараат уште откопувања.
Мотивот зошто ги убивал жените се уште не го знаат обвинителите. Тој се наоѓа сега во кумановскиот затвор, а деновиве тим психијатри ќе треба да разговара со него, по што би ги имале првичните сознанија.
Но Обвинителството истражува и дали осомничениот убиец работел сам или имал помош. Се истражува и неговото семејство, полицијата и лекарите кои постапувале или не постапувале по пријавите кои ги добивале за него.
Но за него освен за тешки кражби не пристигнала пријава за друго кривично дело, се до пријавата на преживеаната старица од Куманово, која пријавила дека влегол во нејзината викендичка и ја нападнал, но останала жива. Оттука Обвинителството почнало да ги поврзува и случаите на починати и нападнати жени изминатава година, но велат може да се вратат и уште наназад доколку постојат сомненија и за друга насилна смрт.
- Наредивме до СВР Куманово да ги извади сите пријави на лица кои починале во тој временски период назад една година, а доколку има нешто сомнително не известуваат нас и ние правиме анализи дали може да се поврзе со убиствата. Нема ограничување на починати жени или мажи. Првично истражувањата се прават за изминатата година, но секое ново сознание го проширува временскиот период, вели обвинителот Лапе.
Во претресите кои ги вршеле во неговиот дом, пронашле украдени работи од кражбите кои ги вршел, но не и од убиствата. Обдукциите на двете жени пак покажале дека не се силувани.
За кривичното дело убиство се определува и доживотен затвор. Ако кај убиецот се утврди дека тој е во состојба на непресметливост, може да биде затворен и во здравствена установа.
Обвинителите апелираа до жителите на кумановскиот регион и селата околу Старо Негоричане да не бидат во паника, бидејќи осомничениот убиец е зад решетки и не може да прави штета.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
