Македонија
4. February 2024 - 16:42

Утре почнува штрајкот во Фондот за здравство

Вработените во Фондот за здравство утре ќе бидат на своите работни места, но нема да работат. Само по еден службеник во подрачните служби ќе биде задолжен за прием на документи за итни случаи. Граѓаните кои имаат потреба од медицинско помагало или останати услуги нема да бидат услужени. Вака на почеток ќе се одвива штрајкот во ФЗО поради препораката на Владата да се намалат платите на сите вработени во институцијата за 21 отсто. Сервисите од електронскиот систем како што се рецептите за подигнување лекови на товар на Фондот во аптеките, пријава и одјава на пациенти од матичните во понеделник ќе функционираат, ќе работат и комисиите за продолжено боледување. Од Синдикатот најавија дека во 11.30 пред Централата ќе ги соопштат следните чекори доколку штрајкот се радикализира. Ако продолжи и наредните денови цело јавно здравство ќе остане без плата, нема да има префрлање средства на клиниките и болниците и може да останат без лекови и останати медицински материјали, нема  да се исплаќаат ниту породилни и останати боледувања, зошто се од преку трезорот на ФЗО. Ова може да го парализира целото здравство.

-Министерот Меџити веќе на следната седница на Влада во вторник ќе го отвори ова прашање по што јавноста ќе биде информирана, одговорија од министерството.

Претседателот на ССМ во интервју за Радио Слободна Европа вели дека очекува разумна одлука од членовите на УО на Фондот кои треба да ја усвојат Владината препорака за намалување на платите. Таму мислењата се поделени на сите досегашни 7 седници, и нема мнозинство од 4 члена.

-Не се работниците виновни за тоа што ќе им се намали платата и не за тоа што ќе штрајкуваат поради намалување на платите. Виновни се оние кои ја креираат политиката. Очекуваме разумни луѓе во Управниот одбор да донесат разумна одлука и да не го дозволат тоа и да не го блокираат функционирањето на ФЗО, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Синдикатот тврди дека вработени во ФЗО земале пониска плата од сите сродни институции, а пак спротивно тврдење има од министерството за финансии, од каде е и иницијативата за намалување на месечните примања во Фондот за здравство. Од финансии соопштија дека само лани платите во ФЗО скокнале за 25 отсто, а во буџетот за оваа година немало средства за нов раст. Тоа би било возможно само доколку се скрателе пари од тие наменети за лекови или здравствени услуги за граѓаните, велат од МФ.