Македонија
9. November 2023 - 17:06

Вакцинација против ХПВ до навршени 19 години

Девојчињата можат да ја примаат ХПВ вакцината до навршување на 19 години. Ваква препорака даде Комитетот за имунизација по барање на родителите, бидејќи сметале дека било рано децата да се вакцинираат на 12 до 15 годишна возраст. Според професорката Грозданова оваа вакцина е најдобра превенција за рак на грлото на матката. Таа категорично ги отфрла тврдењата дека влијае врз репродуктивноста на жените.

- Не би требало ниту еден родител да се соочи со прашањето: Зошто не ме вакцинираше против оваа болест, а знаеше дека има заштита за истата?, изјави проф. д-р Александра Грозданова, претседател на Комитетот за имунизација. 

Освен вакцината гинеколозите се залагаат и за воведување на ХПВ тест бидејќи бројот на пациентки со рак на грлото на матката се зголемува, а возрасната граница е намалена.

- Беше 33 години, но има тенденција да се намалува. Последните два случаи со пациентки кои ги имав, никогаш не им бил земен ПАП тест. Затоа и се залагаме да биде воведен ХПВ тест, изјави проф. д-р Горан Димитров, од Клиниката за гинекологија.

Иако е задолжителна, последините податоци на ИЈЗ покажуваат дека лани опфатот на имунизација со ХПВ вакцината во Македонија бил 52 отсто, а во Скопје процентот е помал дури 3 пати. Од друга страна, како што беше посочено од експертите, Австралија токму со вакцините била на добар пат да стане слободна ХПВ земја и да го сведе на минимум бројот на болни од рак на грлото на матката предизвикан од овој вирус.