Македонија
29. May 2019 - 16:27

Ваљон Беља доби отказ, но ЈО ќе го испитува обвинувањето за криминал на Гинекологија

Обвинителството ја разгледува пријавата од екомонскиот менаџер на Клиниката за гинекологија Ваљон Беља кој ја обвини медицинската директорка Викторија Јовановска за криминал и фаворизирање на една компанија за лабораториски реагенси.

-Пријавата е распоредена кај надлежен јавен обвинител. По прибирање на сите материјални и вербални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавно обвинителска одлука за натамошно постапување, се вели во одговорот од ЈОРМ.

По обвинувањата преку медиумите вчера министерот за здравство експресно го разреши организацискиот директор на ГАК Вајлон Беља. Тој претходно се закани дека ќе објавува уште скандалозни тендери на Клиниката, но денеска не беше достапен за медиумите. Неговата колешка  Викторија Јовановска ги негираше обвинувањата и тврдеше дека со ова економскиот менаџер ја уценувал зошто не сакала да го продолжи договорот на двајца негови хонорарни соработници.

Според информации на Сител министерот Филипче засега не планира да назначи нов организациски директор на скопска гинекологија, а неофицијално од Владата ќе бара да бидат разрешени сите 15 економски директори колку што во моментот има во ЈЗУ и да се укине ова работно место.