Вандалско однесување на гевгеличанец во полициски час
Вандализам во Гевгелија за време на полициски час. Додека најголемиот дел од граѓаните седат дома и ги почитуваат мерките за заштита од корона вирусот, гевгеличанец направил вистински хаос во централниот дел на градот. Тој синоќа уништил голем дел од урбаната опрема поставена на јавните површини. Искршени се повеќе општински, но и хортикултурни елементи пред приватни објекти, искорнато е цвеќе од јавните површини и повеќе палми и украсни дрвца посадени во самиот центар на градот. Градоначалникот на Гевгелија денеска го осуди ваквиот чин и информираше дека полицијата веќе го идентификувала лицето. Утврдено е дека се работи за личност со психички проблеми и одземена деловна способност.
,,Најостро го осудувам ваквиот чин. Денеска се преземени сите мерки. Пофалба до полицијата, полициската станица во Гевгелија. Сторителот е фатен. Се работи за лице со психо физичка попреченост, деловно неспособен и од тие причини е упатен на лекување во психијатрискиот центар Негорци. Значи сакам уште еднаш да кажам дека го осудувам ваквиот чин и дека треба да останеме мирни и да ги следиме препораките на владата на Република Северна Македонија се со цел да се заштитиме себе си и нашите фамилии.,, рече САШО ПОЦКОВ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА
Нередот кој гевгеличанецот синоќа го оставил позади него утрово е саниран. Екипи на јавното комунално претпријатие целата урбана опрема што била оштетена веднаш ја отстраниле и ја замениле со нова. Обнвени се и оштетените украсни дрвца и цветните површини.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
