Македонија
17. May 2024 - 16:37

Вархеи: Западен Балкан да биде подготвен за влез во ЕУ до 2027 година

Македонија и останатите земји на Западен Балкан да станат членки на ЕУ до 2027 година, оптимистички пораки испрати еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи на самитот во Котор, Црна Гора со лидерите од регионот.

Но покрај промените кои треба да ги направат земјите од Западен Балкан, како предуслов за да станеме дел од европското семејство се добрососедските односи, посочи Вархеи пред премиерот Џафери, српскиот претседател Вучиќ, премиерите Еди Рама и Албин Курти, како и пред првите луѓе на Владата на Босна и Црна Гора. 

Токму почитувањето на меѓународните договори, добрососедските односи и продолжувањето на европскиот пат на Македонија со формирањето на новата Влада, беа тема на разговор помеѓу техничкиот премиер Џафери и специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ на билатерална средба на Самитот. Во разговорот, не изостанал да се спомене ниту првиот говор на новата претседателка на Македонија, каде не го употреби уставното име. 

Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ, и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички чинители.

- Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока, ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на Меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија, соопшти Кабинетот на Џафери.

Шесте земји од Западен Балкан на Самитот усвоија заедничка изјава, во која ја потврдуваат посветеноста за заедничкиот регионален пазар, зголемување на конкурентноста, поттикнување на дигиталната трансформација.

Под 16 точки за потврда на развојот на регионалниот пазар, стои дека Македонија ја прифаќа изјавата, но останува резервирана во нејзиното спроведување поради формирањето на нова Влада. 

ЕУ планира 6 милијарди евра помош за Западниот Балкан, од кои 850 милиони евра се наменети за Македонија, а првата пратка за Македонија се очекува овој септември.