Свет
4. January 2026 - 9:23

Велика Британија и Франција извршија напад врз локација на ИД во Сирија

Авиони од типот „Тајфун“ на британските Кралски воздухопловни сили (РАФ) и француски авиони извршија заеднички напад врз подземен објект во Сирија, кој бил окупиран од таканаречената Исламска држава, соопшти Министерството за одбрана.

Во синоќешниот напад биле употребени наведувани бомби за гаѓање на голем број пристапни тунели до локацијата, сместена во планините северно од античкиот град Палмира во централниот дел на земјата.

Објектот бил користен од страна на „Даеш“, најверојатно за складирање оружје и експлозиви, а околината е без цивили, соопшти британската влада. Според официјални претставници, во тек е детална проценка, а првичните знаци укажуваат дека целта е успешно погодена.

Авионите на РАФ вршат патроли над Сирија за да се „спречи каков било обид за повторно оживување“ на ИД по нејзиниот пораз во битката кај Багуз во 2019 година, наведува министерството.

Министерот за одбрана Џон Хили изјави дека Велика Британија е решена да „стои рамо до рамо со нашите сојузници“ за да се „искорени секое возобновување“ на терористичкото движење.

–Сакам да им се заблагодарам на сите припадници на нашите вооружени сили вклучени во оваа операција за нивниот професионализам и храброст, рече тој. „Тие беа меѓу илјадниците британски кадри распоредени за време на Божиќ и Нова Година. Оваа операција, за елиминирање на опасните терористи кои го загрозуваат нашиот начин на живот, покажува дека нашите вооружени сили се подготвени да дејствуваат во текот на целата година, чувајќи ја Британија безбедна дома и силна во странство“, нагласи Хили.

 

МИА