Македонија
29. May 2026 - 16:25

Вештачката интелигенција, помош или опасност за младите

Дигиталните алатки сè повеќе влијаат врз начинот на кој младите учат и размислуваат. Според експертите, прекумерното користење мобилни телефони, социјални мрежи и вештачка интелигенција ја намалува концентрацијата и критичкото размислување кај учениците. Истражувањата покажуваат дека читањето од книга и понатаму овозможува подобро разбирање и полесно усвојување на знаењето отколку содржините на екран.

- Употребата на вештачката интелигенција при пишувањето не само што не помага, туку и одмага во критичкото мислење, во задржувањето на вниманието и во креативноста. Сите овие алатки, за кои мислиме дека ни го олеснуваат животот, во основа прават да ја предадеме на друг ентитет нашата најважна карактеристика, а тоа е интелигенцијата и мислењето, изјави Трајче Стојанов декан на ФОН, УГД-Штип.

- Оставени на мобилните, децата се во многу сериозна опасност. Самите мобилни делуваат врз мозоците на децата на ист начин како што делува и дрогата. Тоа лачење на допамин, хормонот на среќата, ја создава зависноста кај децата, изјави Александар Марјановиќ, фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“.

Експертите сметаат дека е потребен поголем баланс меѓу технологијата и книгата, како и ограничување на времето што децата го поминуваат на мобилни телефони и социјални мрежи. Дел од европските земји веќе воведуваат мерки во таа насока.

- Еве, на пример, во Австралија се ограничува можноста за користење на социјалните мрежи, како и во Франција, каде што се воведуваат училишта без телефони. Тоа е проект кој се покажа дека влијае доста позитивно врз психичкиот развој и академските достигнувања кај учениците“, изјави Даниела Коцева, ФОН,  УГД-Штип.

- Клучот е кај нас, возрасните, и единствена цел треба да ни биде книгата да им се приближи на децата на еден современ и нов начин, кој е во чекор со нив, изјави Ксенија Маказлиева,  Просветно дело.

Прекумерната употреба на социјалните мрежи сè почесто предизвикува анксиозност, депресија и други психолошки проблеми кај младите. Паралелно расте и сајбер-булингот, кој преку дигиталните платформи продолжува и надвор од училиштето.