Вешти лица од Словенија и денеска ќе сведочат за „Онкологија“

Доктор Симонида Црвенкова правилно постапувала и го продолжила периодот на преживување повеќе од вообичаено кај секој пациент надвор од стандардите за просек што е потврден во научни студии и ова што сега го слушаме во судницата е тема за национален или светски конгрес на онколози, но не е тема за судница и судска постапка - изјави пред почетокот на денешното судење бранителот на Црвенкова, адвокатот Владимир Туфегчиќ.
Туфегчиќ, како што нагласи, очекува целосна дискредитација на обвинението бидејќи се „докажало дека стручниот наод и мислењето се направени врз основа на селективна и нецелосна документација, не се земени предвид претходните истории на болеста на пациентите, лекувањето во други клиники и операции и препораки, како и дека не се земени предвид националните протоколи на Македонија“.
- Применетиот медицински третман, како што кажав, треба да биде во рамките на националните препораки што ги применувале нашите лекари и надвор од тоа не може да се бара апсолутно никаква одговорност. Ние сите многу добро знаеме во каква кондиција е нашето здравство и затоа и во судницата бевте присутни кога кажав дека јас ја бранам докторката Црвенкова, нејзините чест и углед, меѓутоа ги бранам истовремено и честа и угледот на здравствениот систем на Македонија - изјави Туфегчиќ.
Одбраната, како што нагласи Туфегчиќ, до судот како доказ доставила и фармаколошко вештачење од професор Лабачевски, кој, како што посочи, „потврдува дека 'ерлотинибот' конкретно не е биолошки лек и дека несаканите последици од неговата примена не може да бидат тие што ги посочува лекарот од Словенија - фатални смртни последици“.
- Тие се, како што лекарите го нарекуваат, транзиторни, односно минливи: исип на кожата, паѓање на косата и некои полесни несакани последици, но никако не може примената на „ерлотинибот“ да предизвика смрт, како што тоа се обидел да го докаже лекарот од Словенија. И, конечно, и самиот лекар потврдил дека не утврдил кој лекар точно кои дејства ги презел при лекувањето на конкретните пациенти, што е клучно за еден кривично-правен настап - изјави Туфегчиќ.
Судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со уште двајца онколози е обвинет за несовесно лекување пациенти, продолжува и денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сослушување вешти лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството.
Вештото лице Маја Равник од Медицинскиот факултет во Марибор, Словенија, вчера повеќе од осум часа одговараше на вкрстени прашања од одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кои беа во насока на конкретните лекови и дози што се давале и нивната усогласеност со одредени студии и протоколи, но и за тоа какви се националните протоколи, состојбата и достапноста на онколошките лекови, како и за конкретни делови од документацијата врз која го темели своето вештачење за одредени пациенти.
Равник на барање на Обвинителството има направено вештачење на медицинската документација за лекувањето на вкупно 51 пациент на Клиниката за онкологија.
Во однос на стручноста, Равник на почетокот нагласи дека во текот на 2011 го положила европскиот испит за интернистичка онкологија, во 2012 положила специјалистички испит од интернистичка онкологија и од тогаш работи на Клиничкиот центар во Марибор како прв онколог, а од 2016, кога е формиран одделот, е началник на одделот. Од 2022 година е национален координатор за специјализација во Словенија.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска.
Во согласност со најавената динамика, кон крајот на март ќе треба да се почне со сослушување вешти лица од Србија, кои исто така работеле медицински вештачења за Обвинителството.
Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и уште двајца онколози - Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија - Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката почна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина и судот ја осуди на две години условна казна затвор.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службената положба и за проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
МИА
Ново на Сител
-

Што ќе донесе договорот меѓу САД и Македонија?
-

Цвета Ристовска поднесе оставка во ДКСК
-

Гоце Наумовски пред избор за уставен судија, во судски активен огласот за втор кандидат
-

Кои министри на Вреди ќе заминат од Владата допрва ќе се одлучува
-

ОЈО Струга оформи предмет за загадувањето на водата за пиење
-

Пад на месечната инфлација од 0,7%
-

Починала во 2006-та, а во декември родила дете
-

Преглед на вестите од светот
