Кои министри на Вреди ќе заминат од Владата допрва ќе се одлучува
Меџити не открива кој од министрите од „Вреди“ ќе биде опфатен со најавената владина реконструкција и дали за тоа се разговарало во коалицијата. Порача дека секоја партија треба сама да одлучи за своите кадри, откако Касами изрази незадоволство од министерот за социјална политика, демографија и млади - Лимани. Според Меџити, реконструкцијата има смисла само ако донесе реални промени.
Вчера Мицкоски и Касами влегоа во отворен судир околу можните смени. Лидерот на БЕСА посочи дека Лимани и Филков би можеле да бидат дел од реконструкцијата, додека премиерот возврати дека единствено тој ќе одлучи кој останува, а кој заминува од Владата.
По ова, Касами синоќа ја ублажи реториката, нагласувајќи дека во политичка влада партиите предлагаат кадри.
Во меѓувреме, Касами го распушти раководството на БЕСА, со амбиција „Вреди“ од коалиција да прерасне во партија за помоќно да настапува во извршната власт. Не откри што ќе следи ако процесoт не успее.
Меџити денеска ја смирува ситуацијата, најавувајќи дека трансформацијата ќе се одвива и во другите партии од коалицијата и дека се бара решение за лидерската позиција на новата партија.
Иако идејата за партија беше најавена уште пред локалните избори, договор за распределбата на силите сè уште нема. Неофицијално, токму тоа е главниот предизвик кој наместо да ги доближи, може да ги раздвои политичките партнери.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
