Македонија
4. јуни 2026 - 12:13

Виртуелниот простор станува нова сцена за врсничко насилство

Виртуелниот простор станува нова сцена за врсничко насилство. Наместо само во училишните дворови и на улиците, сè повеќе случаи денес се случуваат на социјалните мрежи и интернет платформите. Анализите покажуваат дека сајбер насилството е зголемено за повеќе од 30 проценти, а експертите предупредуваат дека последиците врз младите можат да бидат долгорочни и сериозни.

- Ако е физичко насилство, ќе се видат модринки или нешто што е видливо, но кај сајбер насилството или психичкото, или емоционалното насилство има страшни последици по жртвата, а тоа е губење на самодоверба, затворање во себе, станување интровертна личност, неможност да се соочи со средината, изјави проф. д-р Татјана Стојановска Иванова.

ilmeuuMwJv0Во обид да се препознаат и спречат ваквите појави уште во нивниот почеток, во Штип започнуваат специјализирани обуки за наставниците. Психолози и социолози ќе работат со наставниот кадар во основните и средните училишта, а градот е меѓу првите во државата што ја воведува оваа практика. 

- Имаме обврска како локална самоуправа да создадеме средина во секое училиште која ќе биде основа за развој на секој ученик, средина која ќе овозможи секој ученик да го искористи својот потенцијал што го поседува и да се чувствува безбедно и сигурно, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Стручната јавност предупредува дека влијанието на сајбер насилството врз младите ќе се чувствува и во иднина. Освен што може да предизвика губење на самодовербата и социјално повлекување, овој вид насилство остава длабоки траги врз менталното здравје.