Висока лавинска опасност на Шар Планина, предупредување од Националниот парк
Национален парк Шар Планина преку соопштение информира дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено на деловите од планината над 1.700 метри надморска височина.
Од паркот појаснуваат дека зголемениот ризик е резултат на комбинација од временски услови – температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите денови – кои, заедно со релјефните карактеристики на теренот, создаваат нестабилност на снежната покривка и услови за појава на лавини.
Како што се наведува во соопштението, по дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк извршила теренски увид на локацијата. Претходно, тим на операторот го пребарал лавинскиот терен со лавински уреди и било утврдено дека во лавината нема затрупани лица, а до овој момент нема пријави за исчезнати. Настанот, како што информираат од паркот, поминал без човечки жртви.
Паралелно со теренскиот увид, била спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Согласно проценката, утврден е степен 4 – висок лавински ризик, според европската скала за оценување на лавинска опасност.
Од Националниот парк апелираат посетителите да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се повикуваат посетителите навремено да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот.
Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, најавуваат дека континуирано ќе ја следат состојбата на теренот и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.
Ново на Сител
-

Садула Изаири од тетовскиот суд освои најмногу гласови за член на Судски совет
-

Тема на денот со Весна Јаневска, министерка за образование и наука
-

Финансиска полиција со кривична против претседателот на Регулаторна, Бислимовски тврди дека постапките биле законски
-

ИЈЗ: Се намалува бројот на болни од грип, но ширењето на вирусот се уште е со среден интензитет
-

Камионџиите ја прекинуваат блокадата на границите, иако ЕУ не понуди брзо решение
-

Кривична за Марко Бислимовски, претседател на РКЕ
-

Европската унија допрва ќе го решава проблемот на камионџиите
-

СДСМ со закон ќе бара 600 евра минимална плата
