Владата чека одговор што утврдила истрагата, Обвинителство не открива детали од извештаите
Премиерот Заев, ќе побара од МВР да го објави извештајот од увидот во тетовската модуларна болница. Тоа било институција во надлежност на извршната власт, па очекувал Министерството за внатрешни, наскоро да објави што откриле крим-техничарите.. Вели, МВР нека ги открие деталите, а Обвинителството да си ја продолжи истрагата.
„Знам дека во делот на форензиката, истражувањето и вештачењето што МВР го направи е доставено до Јавното Обвинителство и од тој аспект ќе очекувам во следните денови да се објави од страна на МВР, деталите од таа форензика. А, Јавното Обвинителство, можат и понатаму да си продолжат со истрагата, да утврдат и други аспекти кои што треба, но, одговорот на прашањето од што е настанат пожарот, како тоа се случило и сите поврзани детали се до моментот на настанување на пожарот очекувам да бидат јавно објавени за да можат да знаат граѓаните, јавноста, но и тоа е основот за да донесам одлука во врска со понудените оставки од министерот и заменик-министерот“, вели Зоран Заев, Премиер.
Од Јавното обвинителство не откриваат дали се согласуваат МВР да го објави извештајот од форензичките испитувања. Денеска само ги повторија информациите објавени во петокот – Тетовското обвинителство добило извештај од крим-техничарите на МВР и тој ќе го разгледувале надлежните обинители.
Во откривање на причините за пожарот, работат и четворица германски експерти, но Заев вели дека не знае кога документот ќе го испратат во земјава. Според најавата, требало две недели по направениот увид. Странските форензичари во Тетово беа пред 19 дена.
Пожарот во модуларната болница се случи на 8ми септември, а во него загинаа 14 лица.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
