Владата и банките ќе ги продолжат преговорите за каматата од унгарскиот кредит за фирмите
Позитивни сигнали по средбата меѓу премиерот и Македонската банкарска асоцијација, на која се разговараше за условите под кои бизнисот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем.
По состанокот во министерството за финансии, Мицкоски рече дека и од двете страни има волја за доближување на ставовите.
Преговорите за каматата ќе продолжат и следната недела.
„Тие 3.25% секако ние како Влада ќе ги платиме. Можеби за некоја година би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека таму немаме каматна стапка. Можеби ќе одлучиме некои други механизми, во зависност од интересот на државата. Целта е каматата која ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Реално има трошоци коишто ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, тука зависи и од политиките на централната банка, затоа велам да не зборуваме за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално да излеземе со позиција“ – изјави Христијан Мицкоски.
Премиерот нагласи дека сите членки на банкарската асоцијација изразиле желба да учествуваат во процесот. Заеднички ставови зазеле и во делот на рочноста, односно да се користи формулацијата до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.
„Ако клиентот сака две години грејс период и пет години отплата, значи 7 години може да си понудат. Затоа ќе ја користиме формулацијата до 3 години и до 15. Има клиенти кои сакаат на пократок рок да имаат на кредитот и побрзо да го вртат кредитот“ – кажа Мицкоски.
Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Орбан за време на НАТО Самитот во Вашингтон.
Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
