Македонија
24. August 2020 - 16:57

Власта најавува функционален владин кабинет од идната недела

Прво избор на собраниски потпретседатели, па дури потоа предлог за Влада и нејзин избор најавува мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев. Ова би значело дека на седницата на која треба да се избере новиот владин кабиент ќе и’ претходи уште една седница.

Заев за Сител вчера потврди дека пред изборот на Влада ќе има и верификација на мандати на нови пратеници со што наговести и оставки во собраниските редови, најверојатно на оние пратеници кои ќе заминат во извршната власт.

Според Деловникот, оставките на пратениците се констатираат на почеток на собраниска седница, а верификацијата на мандатите на нивните наследници се прави на првата наредна седница. Имајќи го предвид тенкото мнозинство од 62 пратеника, постапката за оставките и верификацијата на новите мандатите треба да биде завршена пред изборот на новата Влада.

Собранискиот спикер Џафери, претходно во телефонски разговор за Сител рече дека дека не постојат никакви препреки за одржување на седница пред онаа за избор на Влада, но и дека кога и за што ќе има седници зависи од материјалите што ќе бидат доставени во Парламентот.

Засега формално до Парламентот е поденесена само оставката на Фљорин Бесими од ДУИ кој се реши на ваков потег поради судир на интереси со неговиот брат Фатмир Бесими, кој пак е најавен за министер за финансии.

Но и седницата за избор на Влада, според најавите од СДСМ би се случила брзо.

Манчевски уверува дека коалицијата СДСМ - ДУИ нема проблем со мнозинството. Опозицијата пак, смета дека мнозинството е кревко.

Тенкото мнозинство ќе го натера собранискиот спикер Џафери да калкулира со седницата за избор на Влада зависно и од тоа кога неговиот партиски лидер Али Ахмети ќе може да присуствува на седницата. Ахмети на 2 септември ќе дава исказ пред меѓународниот кривичен суд. Доколку стигне предлогот од Заев до крајот на неделава, не е исклучено седница да се закажа уште во понеделник.

Дел од калкулациите пак, се однесуваат и на внатрешните превирања во ДУИ околу Изет Меџити, Артан Груби и Бујар Османи – тројцата кои претендираат да станат министри иако место има само за двајца.

Предлогот за Влада од Заев во парламентот треба да стигне  најдоцна до 2 септември. Џафери од тој момент пак, ќе има рок од 15 дена да ја свика оваа седница, претходно надминувајќи ги сите препреки.