ВМРО - ДПМНЕ обвинува дека директорот на протокол од МНР ќе биде амбасадор во Москва
Шефот на протокол на МНР кој го згреши словенечкото знаме и постави словачко, си поднел оставка од морални причини. Но откако во јавноста осамнаа информации дека сепак тој не останува без работа, односно добива нова функција како амбасадор во Москва, министерот Османи тврди дека неговата оставка не е поврзана со амбасадорската функција. Тој уште на почетокот на годината требало да стане амбасадор но поради руската агресија кон Украина, МНР решило да не праќа амбасадор и поради тоа што останал без должност станал директор на протокол. Но кога и како ќе замине за Москва, Османи не открива.
Од Македонскиот дипломатски синдикат претходно побараа Османи да си поднесе оставка поради лагите кои ги шири. Според нив министерот лаже за оставката на шефот за протокол, а картите за новата амбасадорска функција биле уште одамна извадени.
Дали Османи измислил некаков механизам за депонирање оставки на државни службеници? Тој многу добро знае дека оставки може да поднесуваат само функционери, како што е впрочем тој, кои се избрани или назначени на определен временски мандат. Службеници никако. Лагата околу наводната оставка да биде уште побескрупулозна, споменатиот колега за една недела заминува на амбасадорска позиција во една голема земја, за каде што картите му се извадени уште пред инцидентот со знамињата.
Обвинувања за ширење лаги на адреса на Османи простигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ
Се поставува прашањето зошто Османи ја лаже јавноста? Неспособноста е длабоко вкоренета во институциите. Како човек кој не разликува знаме, може да преставува држава?- реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако амбасадорското место во Москва е под знак прашалник од временски аспект, нови амбасадори земјава испраќа во Брисел и Турција, односно Зулфи Исмаили кој ќе биде шеф на Мисијата на земјава при Европска унија и Јован Манасијевски во Република Турција. Двајцата денеска во Комисијата за надворешна политика ги претставија своите програми кои предвидуваат јакнење на соработката со двете земји, но и почеток на преговорите со ЕУ.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
