Македонија
27. August 2019 - 16:45

ВМРО-ДПМНЕ обвинува за бавна реакција при пожарот - СДСМ тврди дека сите реагирале веднаш

Дали вчера во Велешко можеше да биде избегната еколошката катастрофа предизвикана од големиот пожар? Опозицијата обвинува за задоцнета реакција од надлежните институции. Многу доцна почнало гаснењето на огнот од воздух.

- Имаше катастрофално доцнење од цели 5 часа и интервенцијата на авионите и хеликоптерите, пожарот почна во 11 претпладне, а хеликоптерите и авионите дојдоа дури во четири часот попадне. Огромна благодарност до пожарникарите, до војниците, до доброволците, до сите кои што се вклучија во гасењето. Но факт е дека за вакво фијаско, и за ваков дебакл, за горење на шума која што растела 50 години наназад мора да има одговорност, изјави Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.

Експресно вратија од СДСМ. Лажните вести на Ѓорчев биле навреда за сите кои 12 часа се бореле со пожарите, реагираат од владејачката партија

- Лага е дека 5 часа се чекало и не се интервенирало, како што лажнo тврди Ѓорчев. Како што е и јавно познато сите расположливи капацитети биле активирани уште од првите моменти на избивањето на пожарот. Дополнително, се вклучија противпожарни едици од Скопје и од околните градови на Велес, како и припадници на Армијата, со цел навремено локализирање на пожарот и спречување на поголеми штети, се вели во реакцијата од СДСМ.

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека авионите кои се во нивна надлежност вчера дејствувале на пожарот во Радовишко, но кога било алармирано за ширењето на огнот во Велешко веднаш биле пренасоченени тука. Од ДСЗ тврдат дека двата ЕР трактори значително допринеле во гаснењето на пожарот.

-Имаа 5 налети и двата авиона испуштија вкупно 30 тони вода, вели Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување.

За дилемата во јавноста зошто државата не набави канадери кои собираат двојно повеќе, односно 6 тони вода, од ДЗС велат дека тие се поспецифични и можат да полнат вода само од охридското езеро и од аеродромот Петровец.

- Ер тракторите кои ги поседуваме можат да полнат вода од повеќе помали езера и тоа за 11 секунди, додаде Наумовски.

Вчера не се полнело вода од Велешкото езеро. Од ДСЗ велат дека оваа локација се избегнувала поради слетувањето на комерцијалните авиони на скопскиот Аеродром. Анализите на ДЗС покажуваат дека во земјава бил неопходен уште еден авион за гаснење пожари, кој ќе служи и за обука на пилоти.