Македонија
9. March 2026 - 19:53

ВМРО-ДПМНЕ со слики го потсети Филипче дека лажеше за мигрантите, СДСМ тврди дека мигрантите доаѓаат

ВМРО-ДПМНЕ со фотографии го потсетуваат Филипче дека ги лажеше граѓаните за мигрантските кампови. Партијата реагира откако опозицискиот лидер вчера тврдеше дека никогаш не зборувал за кампови, туку за носење мигранти под превезот на странски работници. Од владејачката партија и денеска тврдат единствена цел на опозицијата е да шири паника помеѓу граѓаните за тема која ја демантираше и британскиот амбасадор.

-Филипче изгледа заборавил, но ние сме тука да го потсетиме. И те како има говорено за мигрантски кампови, кога ширеше паника низ граѓаните. Погледнете ја фотографијата. Филипче одеше чекор понапред и свесно лажеше дека Македонија станува мигрантски камп и црна точка на Европа. Скоро 4 месеци подоцна, ниту има мигрантски кампови, ниту има мигранти, ниту ние сме црна точка на Европа. Само лаги, манипулации и деструкции, вели Миле Лефков.

Од СДСМ пак не се откажуваат од тврдењето дека мигрантите доаѓаат, но власта ги нарекува странски работници, а за таа цел го променија и Законот за странци со кој ги отвори вратите за 10 000 странски работнци само годинава.

-Значи може и Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ како сакаат да ги наречат овие луѓе, дали сакаат да ги наречат мигранти, азиланти, цитирам, бегалци или економски работници. Суштината е иста. Се менува терминот само колку да се направи манипулација со вистината. Затоа внимателно треба да го слушаме и да го гледаме Мицкоски, не што кажува за мигрантите, тукушто не кажува, вели Андреј Жерновски.

Партиите втор ден си разменуваат обвинувања - кој ги лаже граѓаните на темата мигранти, откако британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон рече дека  Македонија и Велика Британија никогаш немале преговори, ниту договор за прифаќање мигранти. Двете држави во мај минатата година потпишаа договор за стратешко партнерство кој го отвори патот за британски инвестиции од над 6 милијарди евра во инфраструктурни проекти, образование и здравство.