Во Крушево ќе се одржи меѓународен спектакл на теренски возила „Македонски 4х4 трофеј“
Во Крушево се прават последните подготовки за големиот спектакл кој што треба да се случи идниот викенд 4 –тото по ред „Macedonian 4x4 trophy“ во организација на клубот „OFF ROAD PRILEP“. Ова е единствен настан во Македонија од ваков карактер и поради својата атрактивност привлекува голем број како учесници така и посетители кои сакаат да бидат дел од манифестацијата. Најавени се над 200 учесници од 8 држави.
„Во 3 класи ќе се вози, првата или најтешка класа, челенџ класа, втората или адвенчер класа и третата класа УТВ возила, тие се постандардни возила. Предвидено е да се вози 3 дена, со тоа што во петокот имаме и ноќно возење, саботата цел ден и неделата имаме пократка, но доста интересна стаза која може да ја гледа и публиката“, истакна Панчо Чупаркоски, претседател на клубот „OFF ROAD PRILEP“.
Организаторите стазите ги подготвувале веќе 2 месеци работејќи и по 15 часа на ден за да се помине во најдобар ред.
„Голем плус на Крушево е што имаме хотел и веднаш до хотелот е стартот на трката, тоа е злато за оф-роадот. Терените се секаде околу нас, ако човек има фантазија тоа може да го изведе без никаков проблем, тука стварно има услови да се направи баш добра трка затоа што терените се стварно добри“, додаде Стефан Стојановски, дел од организацијата на „Macednian 4x4 trophy“.
UTV трката е новитет која според организаторите ќе понуди вистинско шоу.
„Ги поканувам сите тркачи во таа класа да учествуваат, да ги видат убавините на Крушево, планината, стазите. Сакам да посочам дека тие возила, УТВ возилата се новитет кај, испитана е трасата за тие возила, спремна е за тие возила да ги прифати“, посочи Љупчо Перканоски, дел од организацијата на „Macednian 4x4 trophy“.
Ова е само уште една нова содржина која покрај другите ја нуди Крушево за развојот на алтернативниот спортски туризам.
„Крушево е привлечна и атрактивна дестинација, ја развиваме и продолжуваме и во иднина да ја предложуваме како дестинација која привлекува се повеќе гости. Тоа значи поголем раст и развој на туризмот и поголем раст и развој на локалната економија“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Во трките ќе се мери вкупното освоено време од сите нагласени етапи.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар