Македонија
11. November 2025 - 16:39

Во притвор мајката што го претепа 6-месечно бебе - За него ќе се грижи згрижувачко семејство

Мајката во притвор, претепаното бебе од болница најверојатно ќе оди во згрижувачко семејство. 23 годишната кавадарчанка која живеела во скопско Ржаничино, 30 дена ќе биде во затворот во Шуто Оризари откако со тупаници го тепала 6,5 месечно новороденче нанесувајќи му видливи повреди по телото. Од обвинителството кое покрена истражна постапка, велат дека е осомничена за запуштање и малтретирање на дете. 

-  На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.

Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед, велат од Обвинителството.
Надлежните немаат податок за вториот родител на бебето жртва, додека, пак, социјалните служби времено го одземаат старателското право на мајката која веќе е во притвор. Новороденчето се уште е на опсервација на Клиниката за детски болести каде му ги направиле неопходните испитувања. 

Од страна на Центарот за социјални работи изготвено е решение со кое малолетното дете времено се одзема од мајката и се става под старателство на Центарот.

По завршувањето на опсервацијата во Одделот за педијатрија, доколку нема блиски роднини, детето ќе биде сместено во згрижувачко семејство, а против мајката ќе се води постапка за заштита од семејно насилство и по службена должност ќе се отпочне постапка за одземање на родителско право, ни одговорија од Министерството за труд и социјална политика. 

Но бебето не било малтретирано само во неделата бидејќи  лекарите констатирале и постари подливи од претходни повреди. Дека мајката го запуштила укажува и фактот што од раѓање не било однесено на никаков лекарски преглед ниту пак на примање на задолжителните вакцини, што според обвинителството, меѓудругото сакала да прикрие дека физички го напаѓа.