Во Скопје има 180 пожарникари, а потребни се над 450 - Подобри услови ќе бараат од новата Влада
Среќко Цимевски 40 години работи во скопската противпожарна бригада. Наскоро заминува во пензија и денеска на денот на пожарникарите доби благодарница за целиот труд и посветеност кој ги вложил. Вели за да сработите добро, прво работата треба да ви биде задоволство.
„Јас имам најмногу пожари и најмногу ризици. Но, ризиците не сум ги гледал се додека сум работел. Немало ризици додека се работи. Секогаш сме биле победници во работата и така посакувам да остане“ – Среќко Цимевски, командир на чета
Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје ги потенцираше предизвиците со кои се соочуваат пожарникарите, а укажа и на бројните потешкотии, и со кадар и со опрема. Но, и покрај тоа, само за една година успешно реализирале 2 илјади интервенции.
„Недостигот е голем и се надевам дека со новата централна власт ќе добиеме конечно согласност да вработиме нови пожарникари кои ни се неопходни да ги извршуваме работните задачи. Возилата се во состојба да бидат подготвени секогаш да излезат на терен. Стари се. Се трудиме да ги одржуваме во најдобра можна позиција. Начинот на финансирање е таков да Дирекцијата за заштита и спасување прибира 12% од секоја полиса за осигрување на имот за да се набави габаритна опрема. За жал, ние не сме добиле долг период, од 2011-та, последното возило кое сме го добиле од тие средства“ – Ѕвонко Томевски, командант на противпожарна бригада
Градоначалничката Арсовска како проблем ги истакна и ниските плати на вработените. Упати три клучни барања до новата влада која треба да биде формирана.
„Лимитирачките услови коишто нивните бодови ги ограничуваат да бидат меѓу првите нешта коишто ќе бидат остранети со нов пропис. 15 години скопската противпожарна бригада нема нови униформи. За тоа е неопходна само една работа: да се поништи правилникот кој во овој момент постои. Неопходно е да има минимум 450 пожарникари. А во овој момент има 180. Пречка за ова претставува одобрувањето на средствата и бројката од дотациите што доаѓаат од буџетот, кои, за жал, во текот на овие изминати години немаше слух да биде надминато“ – Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје
На настанот беа изведени и две показни вежби.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
