Македонија
20. December 2025 - 16:38

Во Скопје не се дише, на Детска клиника по пет регистрирани случаи на грип неделно

Пет деца со потврден грип се хоспитализирани на Клиниката за детски болести. Педијатритите велат дека најмалите се најмногу на удар а оние кои развиле копликации мораат да бидат под болнички надзор. На клиниката неделно имаат 4 до 5 случаи со сезонскиот вирус.

-Последниот период доаѓаат поголем број на деца со грип и симптоми слични на грип. Најголем дел се со полесна симптоматологија, но има мали деца и доенчиња кои развиваат долнореспираторни инфекции и ги задржуваме на болнички третман. Пневмонии и бронхолити, добиваат соодветен третман и за среќа завршуваат добро, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

Од почетокот на сезоната досега со грип и заболувања слични на вирусот има 998 случаи од кои 126 се од минатата недела. Како што е објавено во извештајот на Институтот за јавно здравје, најмногу заболени има во Гостивар и Куманово.

И додека кај нас според бројките не сме ниту во сезоната на грип, во соседна Србија и Хрватска но и други европски земји има драстично зголемување на заболени и хоспитализирани. Проблем на здравствените системи е новата варијанта на АХ3Н2 која според пишувањата има потешка клиничка слика.

Лекарите предупредуваат на престојните новогодишни и божиќни празници кога може да дојде до ширење на вирусот.

-Тоа што е најважно избегнување на собири и контакти со лица кои имаат симптоми на грип, вели д-р Мемеди.

Освен прославите ризик фактор според докторите е и загадувањето.  И денеска Скопје кое осамна во магла е втор најзагаден град во Европа. Скопјани се гушат од екстремно загадениот воздух а тоа повторно беше повод за политички препукувања.

Од опозициската СДСМ велат дека граѓаните на главниот град дишат отров а надлежните не инвестираат во мерки за почист воздух.

-По методите на Вучич и Груевски, Христијан Мицкоски ги лаже граѓаните дека воздухот бил почист од Виена, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ им вратија да не користат стари изјави на премиерот.

-Не знаеме зошто не ја употребат и изјавата на Заев, дека ќе донесе живот и воздух за сите. Како и тоа дека ајро ајро ќе го исчисти воздухот, велат од партијата на власт.