Македонија
9. January 2023 - 16:32

Во среда Судски совет ќе го разгледува извештајот за Апелација

Во среда ќе се знае зошто на неколкумина апелациони судии им биле потребни месеци и години да одлучат за одредени предмети. Судскиот совет на седница ќе го презентира извештајот од вонредната посета на Апелација кој треба да покаже дали судиите ги почитувале законите кога носеле одлуки за Таргет-Тврдина, Трезор, Транспортер и Алфа. Четирите предмети се најдоа под лупа на советот, заради, сомнеж дека свесно се одолговлекувале одлуките. Дали ќе има одговорност, ќе се знае по разгледување на извештајот, вели претседателката на судскиот совет.

„Не можам да прејудицирам што ќе се случува. Членовите успеаа во најкус можен рок да ја извршат работната посета и да изготват извештај. Тој е веќе поделен кај членовите во материјалите за седницата. Се отвара расправа по истиот и понатаму не можам воопшто да прејудицирам што би можело да се одлучи и како би течела цела постапка“, изјави Весна Дамева, Претседател на Судски совет.

Судскиот совет влезе во Апелација откако судот ги укина затворските казни за случајот со масовното прислушување и побара ново судење за Мијалков, Јанкуловска и неколкумина вработени во УБК.

Петтемина апелациони судии одлучиле дека пресудата била нејасна, но, и по еден месец, писменото образложение не е испратено до Кривичниот суд за да се закаже ново судење. Во април пак веќе застарува кривичното дело за Мијалков кој за овој предмет беше осуден на 12 години затвор.

Екс директорот на УБК чека ново судење и за набавката на опрема за прислушување, предмет кој го истражува Судски, откако, апелациониот суд ја укина пресудата и нареди повторено судење.