Војна на Блискиот Исток – одекнуваат експлозии ширум регионот, расте бројот на загинати и повредени
Се влошува состојбата на Блискиот Исток. Експлозии и утринава одекнаа низ Техеран. Погодени се населби каде што се наоѓаат полициската станица, државната телевизија, Министерството за одбрана и Револуционерниот суд. Во нападите врз Иран досега загинати се над 280 луѓе.
Иран започна нов бран одмазднички удари низ регионот. Погодени биле 27 американски воени локации низ регионот, како и цели во Израел. Лансирани биле повеќе од 25 бранови ракети.
Израелската војска соопшти дека одбранбените системи се активирани. Сирени за воздушна опасност се огласиле низ централниот и јужниот дел на земјата, а граѓаните се советувани да останат во засолништа. Ракета погодила станбена зграда во Тел Авив, при што загината е една жена, а 28 лица се повредени.
Балистичка ракета го погодила градот Беит Шемеш, близу Ерусалим. Загинаа осуммина.
Во Дубаи се слушнале повеќе експлозии. Властите информираа дека остатоци од воздушно пресретнување паднале на неколку места. Четири лица биле повредени во областа Палм Џумеира. Меѓународниот аеродром во Дубаи бил погоден со дрон. Патниците итно биле евакуирани во подземни паркинзи.
Во Доха, главниот град на Катар, се слушнале неколку силни експлозии. 16 лица се повредени и предизвикана е материјална штета.
Воздушната одбрана во Бахреин, пресретнала најмалку 45 ракети и девет дронови во текот на ноќта.
- Сè е многу организирано, луѓето беа малку во паника, но потоа изгледаше дека е во ред. Ситуацијата тоа го бара. Бахреин не видел ништо слично, јас сум тука веќе 22 години – вели жител на Бахреин.
Детонации имало и во Ирак.
Во Оман, пак, трговското пристаниште било цел на два беспилотни летала, при што еден работник е повреден.
Иран им се закани на Израел и на САД со жесток одговор откако врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во вчерашните напади.
„Наскоро ќе започнат најжестоките офанзивни операции во историјата на вооружените сили на Исламската Република Иран против окупираните земји и базите на американските терористи“, стои во предупредувањето на Исламската револуционерна гарда
Експресен одговор добија од американскиот претседател Трамп.
„Иран штотуку изјави дека денес ќе удри многу силно, посилно од кога било досега. Сепак, подобро да не го направат тоа, затоа што ако го направат, ние ќе ги удриме со сила што никогаш досега не е видена!“, напиша тој.
Според иранските медиуми, формиран е привремен совет кој ќе управува со земјата до изборот на нов лидер. Во него членуваат: Претседателот Пезешкијан, Врховниот судија Еџеи, како и Ајатолахот Алиреза Арафи, назначен како правен член на советот.
Во нападите, освен Хамнеи загина и началникот на Генералштабот на вооружените сили, но и други високи функционери.
„Хамнеи, еден од најзлобните луѓе во историјата, е мртов. Ова не е само правда за народот на Иран, туку и за сите големи Американци, како и за луѓето од многу земји низ светот, кои беа убиени или осакатени од Хамнеи и неговата банда крвожедни насилници.
Тешкото и прецизно бомбардирање, сепак, ќе продолжи непрекинато во текот на неделата или онолку долго колку што е потребно за да се постигне нашата цел“, напиша Трамп.
Иранскиот претседател порача дека одмаздата е „легитимно право и должност“.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз сторителите и налогодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни оваа голема одговорност со целата своја сила“, напиша Пезешкијан.
Прогласена е 40-дневна жалост за смртта на Хамнеи, но видеа кои доаѓаат од Техеран покажуваат дека илјадници Иранци се радуваат и слават.
Во меѓувреме, најмалку 150 танкери чекаат надвор од Ормутскиот теснец, клучна нафтена рута, која е под контрола на Иран. Земјата се заканува дека ќе го затвори преминот, што ќе доведе до поскапување на нафтата на глобално ниво. Истовремено, иранските сили го нападнаа танкерот Скајлајт од нивната сопствена „тајна флота“ кој потоа се запали и почна да тоне. Танкерот бил нападнат затоа што „нелегално минувал“ низ протокот. На бродот имало 15 Индијци и 5 Иранци и сите се спасени.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на синоќешната вонредна седница повика на итен прекин на непријателствата.
- Сведоци сме на сериозна закана за меѓународниот мир и безбедност. Воената акција носи ризик од поттикнување на низа настани што никој не може да ги контролира во најнестабилниот регион во светот. Воената акција брзо се шири низ целиот регион, создавајќи сè понестабилна и непредвидлива ситуација и зголемувајќи го ризикот од погрешни пресметки – кажа Гутереш.
Амбасадорот на Иран во Обединетите нации рече дека нападите биле „неиспровоцирана и однапред смислена агресија“ што таргетирала населени области и убила и повредила стотици цивили. Израел, пак, ја бранеше операцијата како неопходна за да се спречи „растечката закана“.
- Бројот на невини цивили продолжува да расте. Ова не е само чин на агресија, туку е воено злосторство и злосторство против човештвото – истакна Амир-Саид Иравани.
- Ние не дејствувавме импулсивно. Ние не дејствувавме агресивно. Дејствувавме од нужда, дипломатијата беше исцрпена – му одговори Дени Данон, амбасадор на Израел во ООН.
САД и Израел вчера го нападнаа Иран. Пентагон ја нарече операцијата „Епски бес“.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
