Македонија
13. May 2026 - 16:36

Волк или куче - што беше заловено во Козле ќе покажат анализите на АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе утврдува дали заловеното животно кое синоќа беше пријавено во Козле е волк или куче од расата чехословачки вучјак кој по физиономија многу наликува на волк. Директорот на Агенцијата Оливер Миланов ги демантира информациите дека животното е домашен миленик – куче, кое е чипирано и кое сопственикот бара да му биде вратено.

Волк или куче, животното прво го лоцирала полицијата по пријава од граѓани, го заловиле негователи од ЗОО Скопје, го успале и пренеле во карантин во зоолошката. Се чекаат резултатите од ДНК анализа и проверките за постоење микрочип.

Бројните објави по социјалните мрежи дека заловеното животно всушност е куче кое се бара веќе два месеца, лично ги демантирал сопственикот. Заловеното животно останува во карантин во следните 21 ден.

Дивите животни кои се почесто се приближуваат до населени места особено во планинските региони ќе бидат заловувани од интевентни тимови, ваква обврска пропишува новиот закон за природа кој веќе е објавен на енер.

Министерството за животна средина преку новиот закон предвидува можност дивите животни да бидат згрижени во прифатилишта. Постапувањето ќе се врши во согласност со утврдени протоколи, кои ќе обезбедат хуман третман на животните.