Вработените во ФЗОМ влегуваат во штрајк: Виси исплатата на породилно отсуство, боледувања, но и платите
Вработените во Фондот за здравствено осигурување влегуваат во штрајк. Како што соопшти Синдикатот, штрајкот почнува в понеделник, а вработените ќе даваат само неопходни и итни услуги за граѓаните.
Во подрачните единици ќе има само по еден вработен задолжен за прием на документи. Но тој нема да прима се, туку само документи за пријава на малолетно лице како член на осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. Сите други услуги за граѓаните ќе бидат недостапни.
Ова доаѓа откако во понеделникот вработените излегоа на протест додека Управниот одбор одлучуваше за нивните плати. Како што тврдат Синдикатите, министерот Бесими предложил, а Владата се сложила да му препорача на Управниот одбор да ги намали платите на вработените за 21%, но крајната одлука требаше да ја донесе Одборот. Управниот одбор седум пати безуспешно се обидуваше да донесе одлука, со не успеа да обезбеди мнозинство од четири члена.
Синдикатот тврди дека вработените во ФЗО имаат пониска плата од сите сродни институции, министерства и администрација во здравство. Според нив, една четвртина од вработените земаат плата под минималната, а една четвртина добиваат минимална плата.
Меѓутоа, од Министерството за финансии велат дека само минатата година платите во ФЗО скокнале за 25%. Исто така, Финансии тврди дека ие имаат поголеми плати од соодветната категорија на вработените во министерствата, а во Буџетот за оваа година нема пари за нов раст на нивните плати.
- Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година. Обезбедувањето на средствата би било возможно само со пренамена од други расходни ставки, а тоа би значело дека за зголемување на платите на вработените ќе треба да се скратат средства за лекови и здравствени услуги за граѓаните.
Со штрајкот на ФЗОМ виси исплатата на породилното отсуство, боледувања, лекувањето во државата. Со оглед на тоа што Фондот е надлежен за буџетите на здравстените установи, докторите и вработените во здравство може да останат без плата, а болниците да останат без терапија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
