Втор ден гужви пред подрачните служби на ФЗО, вратите останаа заклучени
Втор ден штрајк на вработените во Фондот за здравство. Вратите на подрачните служби ширум земјава останаа заклучени. И денеска исто како вчера, голем број граѓани доаѓаа да прашаат што ќе биде со нивните документи кои имаат ограничен рок на траење, но и до кога ќе трае штрајкот.
Има и граѓани кои од странство специјално дошле овде за да завршат работа, но беа вратени. За младите, пак, ова е доказ за нефункционалноста на системот и причина плус да се иселат од државата.
Откако синдикатите вчера побараа техничкиот премиер Талат Џафери да го стави на дневен ред барањето на вработените во Фондот со кое ќе се поништи препораката за намалување на нивните плати, тој во интервју за МИА вели дека веќе имало координација со институциите на оваа тема.
Од министерството за финансии за Сител велат дека не станува збор за кратење на нивните примања. Според последната одлука на Управниот одбор, бодот е покачен времено, 69 денари за ноември и 77 за декември. Па согласно ова, бодот од 77 денари нема важност од 1 јануари. Колкави ќе бидат сега платите на вработените не се знае оти Управниот нема утврдено ново бодирање на платите.
„Поради фискалните импликации врз Буџетот на Фондот, Владата на РСМ му препорача на УО на ФЗОМ, донесената Одлука за зголемување на вредноста на бодот да има одложено дејство во 2025 година, од причина што за зголемување на платите во ФЗОМ не се предвидени средства во Буџетот за 2024 година“
Вчера од синдикатот кажаа дека буџетот на Фондот може да издржи платите на вработените и натаму да се бодираат со сегашната сума.
Додека трае штрајкот ќе бидат услужени само малолетните лица, хоспитализираните пациенти и лекувањето во странство. Се останато нема да се работи.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
