За три децении 18 министри за здравство – Tаравари со два мандати, Tодоров најдолго во министерската фотеља
Со кои дигитални вештини, информатичарот Азир Алиу ќе го спасува најболниот сектор во државата? Поранешниот министер за информатичко општество и официјално е кандидат на ВРЕДИ за прв човек во здравствениот сектор по оставката на Таравари. Се чека неговиот предлог да помине и низ останатите филтри.
Алиу ако биде избран ќе биде 19-тиот министер за здравство во повеќе од тридецениското постоење на државата. Ќе добива плата од 115 илјади денари, а во здравствениот систем го чека судскиот процес за најголемиот скандал во здравството на Онкологија, апелите на повредените од најголемата трагедија во државата кои бараат соодветен третман, немањето термини за магнетна, немањето лекари кои ќе читаат резултати и уште многу други проблеми кои му ги оставија во наследство неговите претходници.
Меѓу 18-те министри кои раководеле со здравствениот систем, само Никола Тодоров е правник, и идниот доколку биде избран кој доаѓа од ИТ секторот. Сите останати се од медицинската фела. Најдолго на министерската фотења седеше Тодоров – речиси 6 години. Арбен Таравари, пак, е единствениот кој два пати ја имаше титулата министер за здравство и тоа во две влади. Меѓутоа ниту во 2017 ниту сега не издржа една година на функцијата.
Перко Колевски е прв министер во експертската влада во 1991 година а по него со министерството раководеа Јован Тофоски, Илија Филипче, Петар Илиоски, Драган Даниловски, Петар Милошевски, Ѓорѓи Оровчанец, Реџеп Селмани, Владо Димов, Имер Селмани, Бујар Османи, Никола Тодоров, Венко Филипче, Беким Сали, Фатмир Меџити, Илир Демири, Арбен Таравари....
Во 33 години независност, со здравството раководеле и татко и син – Илија Филипче во 1997 и дваесет години подоцна неговиот син Венко.
Многу министри ветуваа брда и долини за унапредување на здравството, но најчесто само на хартија или физибилити студии.
Мој Термин е единствен проект кој се уште функционира за разлика од електронската здравствена картичка која не стигна до примена. Нов клинички центар беше ветување и прво во агендата на најмалку 5 министри, но и по 15 години никој не удри камен темелник.
Раздвојување на клинички на посебни установи, по двајца директори беа реформи во едно време на неколку министри за сега повторно да се бара спојување на клиниките.
Многу најавуваа регионализација, но кочанската трагедија покажа колку децении не се реновирани болници во внатрешноста и како изгледаат.
Многу работа го чека идниот министер за здравство, а јавноста чека да слушне што ќе му биде прво во агендата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар