Македонија
5. January 2023 - 16:40

Загадениот воздух ја комплицира клиничката слика на болните деца

Најмалите најпогодени од загадениот воздух. Речиси една третина од хоспитализираните во детската болница во Козле имаат потреба од кислородна поддршка. 

Многу прегледи во амбулантите а оние кои имаат потреба од болнички престој доаѓаат со тешка клиничка слика, алармираат педијатрите.

-На вака големиот број на хоспитализации и на деца болни од вируси кои се на домашно лекување, аерозагадувањето секако дека многу влијае – доведува до интензивирање на клиничката слика, до потешко справување со болест на матичните лекари и кога доаѓаат кај нас децата се со тешка клиничка слика.. За разлика од порано сега имаме и многу поголем број на деца кои имаат потреба од кислородна терапија, вели д-р Емилија Манасиевска, педијатар во детска болница во Козле.

Освен помалите деца и постарите од 65, лица со астма, дијабетичари и пушачи се под ризик од сериозни здравствени компликации поради опасните ПМ честички. Меѓу загрозената категорија се и трудниците. 

-Оние бремени жени кои имаа ти други заболувања им препорачуваам да не излегуваат во ова време сега кога е загадено. Здравите трудници секако како и сите останати можат да излегуваат, но не во вечерните часови кога е најзагадено, вели д-р Адела Стефанија специјалист гинеколог од ГАК.

Не отворајте прозорци, седете дома, ако излегувате надвор со маска и никако физички активности на отворено – Ова се препораките на Институтот за јавно здравје за градовите со екстремно лош индекс на квалитет на воздух.