Македонија
12. August 2023 - 16:31

Закон за амнестија - Кој ќе излезе на слобода, а кој ќе добие пониска казна?

Критериумите се утврдени, ама нема анализа колку осуденици ќе ги напуштат затворите. По еден месец од најавата за амнестија која треба да го намали бројот на затвореници, од Министерството за правда не откриваат кога предлогот ќе се најде пред пратениците. Со него се предвидува целосно ослободување на лица осудени до шест месеци, а над таа граница, казните да се намалат за 30 отсто. Амнестијата нема да опфати осудени за убиства, семјено насилство, тероризрам, изборни нерегуларности. Според експертите, ако држвата сака вистински да го намали бројот на затвореници, амнестијата треба да се замени со условен отпуст.

„Во моментов, позаконито и порелевантно е судовите да испратат лица на условен оптуст и тоа, сите оние имаат издржано минимум 60 отсто од казната и остатокот да го издржи на условен отпсут без разлика дали е осуден на шест месеци или три години, но не и осудени за тероризам, учесници во странски воени формации, стопански криминал. Значи, тој бил осуден на три години, издржал две, а последната година ќе договараме дали ќе му се даде шест месеци порано условне отпуст, но да имаат минимум издржано 60 отсот од казните“, вели Љубомир Ѓурчески.

Досега во земјава се реализирани шест амнестии, од кои последната се случи годинава а со неа од казни затвор беа олободени прекршителите на ковид протоколи за време на пандемијата.. Честата примена на Амнестија, според експертите создава лоша слика за државата, а праксата покажала и дека голем дел од амнестираните за кратко извршуваат нови кривични дела.

„Не треба да размислуваме за амнестија, затоа што ние веќе станавме држава на амнестии. Носевме амнестии во 2001, 2017, на што ќе личиме ние? Со амнестијата, ние го загрозуваме правниот систем, создаваме нееднаквост. Ќе се ослободат сторители на кражби, тешки кражби, ама не можеме да тврдиме дека тие на улица не се повратници. Тие пак ќе сторат кривично дело“, појаснува Ѓурчевски.

Според објаснувањето од правда, амнестијата треба да ја ублажи пренатрупаноста во затворите.. Во моментов казна издржуваат околу 2.400 лица, бројка која е за 200 поголема од бројот на легла во македонските затвори.