Законите што ќе овозможат изградба на дата центри без дебата го поминаа првиот собраниски филтер
Разговор Скопје - Софија на највисоко ниво утре во бугарската престолнина. Претседателките на двете држави Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова ќе се сретнат на маргините на самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Според агендата, средбата треба да се одржи во попладневните часови.
Додека шефицата на државата го крши мразот на највисоко ниво откако Бугарија конечно доби стабилна, легитимна влада, на министерско ниво во Софија нема да има средба, иако во македонската делегација е и министерот Тимчо Муцунски, кој ќе биде дел од министерскиот состанок.
Премиерот претпазлив. Вели, не знае што да очекува од утрешната средба. Рече, резултатите од работата на Владата полека доаѓаат.
„Тоа што е наша стратегија за реализирање на овие цели полека се случува. Се разбира дека јавно нема да зборувам многу за деталите. Така што, да сумирам, јас не знам што би можел да очекувам. Како човек очекувам да имаме добрососедски односи со сите соседи, како претседател на Влада ќе сторам сѐ што е во наша моќ, прво да го заштитам интересот на граѓаните, да го заштитам идентитетот и интересот на државата. И второ, нормално, да градам добрососедски односи со сите наши соседи на основа на принципот на двонасочна улица“, изјави Мицкоски.
Средба Сиљановска-Давкова - Јотова се реализира во исклучително специфичен период кога на маса се наоѓа најновиот француско-германски нон-пејпер. Овој нов модел нуди систем на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан каде што секој постигнат реформски напредок дома носи предвремен пристап до Единствениот европски пазар и пристап до програми, многу пред официјалното членство. Француско-германскиот предлог сепак не ги заобиколува уставните измени, кои остануваат услов за Македонија да ги користи овие бенефити.
Паралелно со преговорите, во Брисел се актуелизираше и прашањето за позицијата на Македонците во Бугарија. Европската слободна алијанса во Европскиот парламент усвои Резолуција поднесена од ОМО Илинден-Пирин.
Со овој документ се нотира дека македонското малцинство во Бугарија се соочува со систематско негирање и неможност за правна регистрација на здруженијата, па затоа се бара Бугарија официјално да се извини за злосторствата врз Македонците за време на комунизмот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
