Loading Video...
Македонија
26. March 2026 - 16:42

Заловени македонски бикови кои влегле во Бугарија

Бугарските власти заловија шест македонски бикови кои ја преминале граничната линија кај Гјуешево. Животните биле забележани во вторникот и по заловувањето се сместени во сточарски објект кај Ќустендил. Дека биковите потекнуваат од Македонија, откриле нивните ушни маркици.

„Две од животните имаат ушни маркици преку кои се утврди дека тие всушност се од РСМ“, изјави Кристиан Иванчов, областен управител на Ќустендил.

„Во моментов ги храниме и одгледуваме. Станува збор за шест животни за кои пред неколку минути излегоа резултати – сите се апсолутно здрави“, изјави Огњан Атанасов, градоначалник на Ќустендил.

Според европското законодавство, откако животно ќе влезе од земја надвор од унијата, тоа треба да е усмртено. Но,сепак бугарските власти во соработка со македонските институции правеле напори, животните да се вратат во земјава.

„Во пракса, опциите се евтаназија, но, животните се здрави што значи дека може да се избегне евтаназија. Можат да бидат дадени и во банка за храна, што е втората опција, или, да се најде процедура за спогодба да се вратат во РСМ“, изјави Атанасов, градоначалник на Ќустендил.

„Во моментов, ОБДХ – Ќустендил, води разговори со ветеринарните служби на РСМ за да се вратат животните“, изјави Нели Јовчева од ОБДХ.

Меѓусебната комуникација ги пронашла сопствениците на шесте бикови. Сите животни биле од Македонија и по изработка на документацијата за транспорт, најдоцна до почеток на идната недела, биковите ќе бидат вратени во земјава, информираа бугарските власти.

Пред околу осум години, сличен случај имаше и на бугарско-српската граница. Кравата Пенка од село близу Ќустендил влезе на територија на Србија. Според европските прописи требаше да биде усмртена, но со силни дипломатски напори, животното е вратено на сопственикот.

Преминувањето на шесте животни во Бугарија, е во време кога подолг период низ територијата на Крива Паланка неконтролирано се движат околу 500 крави.