Затвореници од „Идризово“ ја нападнале полицијата за да не изврши претрес
Затвореници од Идризово ја нападнале полицијата откако дознале дека ќе вршат претрес во ќелиите. Десет полициски службеници се повредени откако рано утринава влегле во затворот да извршат контрола. Околу 60 затвореници се собрале во група и почнале да фрлаат со што стигнат кон полицајците, за да ги спречат во проверките, дознава неофицијано Сител. Во пружањето отпор за полицијата да стигне до ќелиите, повредени се и полицајци и затвореници.
Целата драма од страна на затворениците се чини не била без причина, бидејќи полицијата кај нив пронашла и запленила околу 80 ножа, шила како и мобилни телефони и полначи.
Сега затворениците дополнително кривично ќе се гонат за напад на полициски службеници, како и поседување на ладно оружје, но и недозволени предмети.
Директорот на затворот Идризово, денеска во текот на целиот ден е недостапен на неговиот телефон. Но ова не е прв пат затвореници да нападнат полиција при вршење на претрес. Токму овој затвор кој е најолем во земјава е контороверзен во последниот период, откако во март беше пронајден тунел од околу 40 метри кој го копале неколку затвореници за да избегаат од Идризово. Претходно затвореник од истиот затвор, при пренесување од затворот во болница, рани полицаец и побегна. Од почетоков на годинава и неколку возила на вработени во затворот беа запалени, а поради недостигот на кадар беше поставувана и војска да ги чува затворениците.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
