Здравствени работници со договор на дело сметаат дека се излажани од властите за трајно вработување
Здравствени работници со договор на дело на скопските клиники се разочарани, револтирани и сметаат дека се излажани од властите за нивно трајно вработување. Иако пред месец и половина беше помпезно најавено на прес конференција во Владата дека работата веќе е завршена и решенија ќе добијат 1117 “договорци” на 7 дена до распишување на изборите се уште нема огласи во јавните здравствени установи. Поради ова млади и стручни кадри велат дека се принудени среќата да си ја бараат надвор од државата.
-Срамота и тажно е да вака млад и дипломиран кадар да останеме со минимални примања, невработени и да бидеме присилени да си ја бараме судбината на друго место, изјави Томас Тодоров, дипломиран физиортерапевт ангажиран со договор на дело на Клиниката за кардиохирургија.
На клинички и во останатите здравствени установи има кадри кои и по десетина години се ангажирани со договор на дело, за 12.000 денари и без здравствено осигурување.
-Јас работам на Урологија, веќе 13 години со договор на дело, без ништо, изјави Нурхане Хити.
-Принудени сме да си одиме, вели Бранкица Цветковиќ.
Здравствени работници со договор на дело во Клинички денеска револтот го искажаа преку протест . Подршка добија од независниот синдикат при КСОМ.
-Ако нема решенија до петок ќе поднесеме тужби и правдата ќе ја бараме на суд, изјави Боби Бојчевски, национален координатор на независниот синдикат за здравство при КСОМ.
Вчера министерот за здравство рече дека тие ја завршиле нивната работа и веќе две недели чекаат согласности од министертвото за финансии. Од таму не добивме одговор зошто е закочена постапката за трајно вработување на ангажираните со договор на дело.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар