Свет
15. August 2025 - 17:32

Зеленски бара тројна средба по самитот Путин–Трамп на Алјаска

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој не присуствува на американско-рускиот самит во Алјаска, изјави дека очекува извештај од разузнавачките служби за содржината на разговорите.

„Денеска очекувам извештај од нашите разузнавачки служби за моменталните намери на руската страна и подготовките за средбата во Алјаска“, напиша Зеленски на Телеграм.

Тој истакна дека главната цел е разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп да го отворат патот за тројна средба, во која би учествувал и самиот тој.

„Време е да се стави крај на војната, а Русија мора да ги преземе соодветните чекори. Сметаме на Америка,“ нагласи Зеленски.

Путин и Трамп денеска треба да се сретнат во Анкорејџ за првпат по почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. Се очекува фокусот да биде на можните патишта за постигнување примирје.

МИА