Македонија
15. May 2022 - 16:32

Земјоделците бараат стратегија за откупот на популарната ајварка

Наместо гаснење пожари за време на откуп, да се направи стратегија и подготват соодветни мерки за вторите култури, предлагаат земјоделците од струмичко. 

Во моментов тече сеидбата на популарната пиперка ајварка и сметаат дека сега е вистинското време за подготовка на стратегија, а не за време на бербата. 

Од здружението „Кукла Градинар“ од Куклиш предлагаат интензивирање на  средбите  и разговори со сите релевантни чинители  вклучени во процесот на производство и преработка на оваа култура. Од таму додаваат дека само навреме преземени мерки ќе спречат повторување на сликите кои ги имаше со пролетната зелка.

За  градинарите производството на пиперката важи за една од најсигурните култури и затоа треба да се посвети посебно внимание.

Според првичните проценки површините кои оваа година во струмичко ќе бидат посадени со пиперка за ајвар се очекува да бидат на ланското ниво, околу 6500 хектари, од кои една полови се под пластеници. За разлика од зелката која претежно оди за извоз, оваа култура во најголем дел завршува во домашните преработувачки капацитети.