Земјоделците се жалат на ниските откупни цени на пченицата
Ниската откупна цена од 10 до 12 денари за килограм пченица, ги демотивираше земјоделците да ја предадат на откупувачите. Речиси половина од последната реколта стои во амбарите, зашто не можат да ги покријат ниту производствените трошоци, кои изнесуваат 19 денари за килограм. И додека домашното производство стои, од Националната мрежа на земјоделци обвинуваат дека има увоз на пченица.
- Ние имаме цирка 170 илјади тони произведена пченица. Претпоставуваме дека половина и повеќе е непродадена, а за сметка на тоа имаме увоз на пченица. Пазарот ни е преплавен со увезена пченица. Ситуација е многу лоша, за поледелците државата наместо да им помага, таа им одмага- изјави Ѓорги Каракашев, претседател на Националната мрежа на земјоделци.
Каракашев додава дека, погрешните политики не поттикнуваат развој и конкурентност на земјоделското производство, туку несигурност кај земјоделците, а се понеизвесна е и пролетната сеидба.
- Се зависи од времето. Ако остане вака,ќе биде проблем Вториот проблем е што поледелците не се заинтересирани за сеидба. Ланската реколта им е во залиха, така што под знак прашалник е дали ќе има и колку ќе има пролетна сеидба на житарици, изјави Каракашев.
И јачменот годинава, посебно во зимските месеци кога за него најповеќе се заинтересирани сточарите, не го достигна пикот на цената и остана да се продава за 8 до 10 денари по килограм.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар