Железничко поврзување Скопје - Софија во 2031 година
Нешто повеќе од една третина од делницата Бељаковце - Крива Паланка, траса која ќе треба за првпат железнички да ги поврзе Скопје и Софија е готова. Станува збор за исклучително тежок терен. На делница која е долга само околу 34 километри ќе има вкупно 29 мостови и 15 тунели.
-Ова е нашиот мост број 7. Целосната должина на проектот е 35 километри. Така што, можете да замислите дека речиси на секој километар има по еден тунел и еден мост.
Сепак, 25 од вкупно 29 мостови се направени уште во 90-тите години и на почетокот на овој милениум. Но 30 години беа оставени да останат нем сведок на еден неуспешен децениски проект.
-Самиот момент се изградени тогаш и 30-тина години не се сѐ уште завршени. И самата конфигурација на теренот бидејќи оваа пруга го следи течението на Крива Река, добар дел од трасата е на височина од 30 до 50 метри висина над реката. И тоа го прави овој терен уште покомплициран за работа, вели директорот на Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски.
На терен работат околу 400 работници, главно од Турција. Надлежните се оптимисти дека за четири години отсега до Софија ќе можеме да патуваме со воз.
-За две години отсега, според најавите на надлежните, возови ќе движат по трасата Бељаковце - Крива Паланка. Веќе во 2031, доколку Македонија и Бугарија си ја завршат својата работа, двете држави за првпат ќе се поврзат преку железница.
Со изградбата на оваа делница Кратово, Ранковце и Гиновце ќе бидат добијат железнички станици. По завршување на втоата фаза ќе почне тендерската постапка за третата и последна во која ќе треба да влезе и заедничкиот тунел преку кој Македонија и Бугарија ќе се поврзат.
Вицепремиерот и министер за транспорт е оптимист дека железничкото поврзување на Коридорот 8 е приоритет и за Софија со оглед на стратешката важност, особено за НАТО. Вели, од политички проблем, пругата во моментот е инженерска дискусија.
-Очекувам во многу скоро време да имаме средба со актуелниот министер за транспорт којшто добро го познавам. Претходно беше директор на Контролата на летање на соседна Бугарија и ни помогна кога го имавме проблемот со радарот на скопскиот аеродром, за што сакам исто да се заблагорадам. Очекувам за скоро време да имаме средба и да утврдиме како одат активностите на нивна страна. Целта е во 2031 година да се заврши од двете страни, затоа што, точно е дека од Софија до Ѓуешево има железничка линија, но точно е дека на најголем дел од трасата треба да се гради нова или целосно да се реконструира постојната, вели Николоски.
Идејата за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е стара повеќе од 80 години. Проектот се активираше по осамостојувањето на Македонија од Југославија, но од 2002 година наваму беше „мртов проект“.
Со влезот на земјава во НАТО и геополитичките потреси во последните неколку години, особено руската инвазија врз Украина, Коридорот 8 стана една од најважните линии за Алијансата со оглед на тоа што преку Македонија треба да ги поврзе Јадранот и Црното Море. Освен трговската размена, оваа железничка линија би значела и побрз транспорт на воена опрема и трупи од Драч, преку Скопје, Софија, Варна, па се до Одеса.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
