Македонија
14. April 2020 - 21:33

Жителите од струмичкото село Банско бараат зголемување на мерките за поголема безбедност на сообраќајот

Со петиција до надлежните жителите од струмичкото село Банско бараат зголемување на мерките за поголема безбедност на сообраќајот во нивното место. Велат,  во последниот период зачестена била појавата на управување нерегистрирани возила, без возачки дозволи и со брзина далеку од пропишаната. На тој начин освен што била загрозена безбедноста се нарушувал и мирот на месното население. Ваквата иницијатива доаѓа после неколку дена од несреќата во која едно дете загина , а уште тројца малолетници беа повредени откако во нив удри возило кое не било регистрирано, а неговиот возач без возачка дозвола.

,,Се вози доста брзо низ селото и ги стартуваат  своите автомобили со што го нарушуваат мирот и безбедноста на граѓаните. Овој проблем се зголеми откако во Банско почнаа да се населуваат од разни други села и градови и градат без никаква дозвола во нашето село. Затоа апелираме до надлежните да се преземаат потребните мерки за справување со проблемот. Исто така предлагаме да се стави патна сигнализација т.е лежечки полицаец на повеќе места во секоја улица во селото.,, вели НИКОЛА АНДОНОВ – ЖИТЕЛ НА БАНСКО

Во несреќата која се случи минатата недела во Банско животот го загуби четиригодишно дете, а уште тројца малолетници на возраст од 9, 14 и 17 години беа повредени откако во нив удри патничко моторно возило кое го управувало 25 годишно момче од истото село. Сите четири деца биле од исто семејство. Според информациите што беа објавени   децата биле во продавница и сосема случајно се нашле на местото на несреќата.