Македонија
28. January 2024 - 19:55

Животот во Студеничани тече исто како и пред изборот на Џафери за технички премиер

На лидерот на ДУИ со песна му почна историскиот ден за Албанците во Македонија.

Подготовките за гласањето на Талат Џафери за технички премиер почнаа уште во неговиот дом – телевизиски екипи.

„Клан Косово“ во живо ја пренесуваше атмосферата во домот на Џафери. А го следеа и неговото движење од Форино до Собранието.

Во Законодавниот дом еуфорија. Додека во Салата влегуваа пратениците и претставниците на Владата, во Галеријата предвидена за новинарите свои позиции бараа и голем број камери на медиуми од Албанија и Косово.

Но дека во Собранието владее триумфализмот, животот на просечниот Албанец тече нормално.

Студеничани е село кое е одалечено само 23 километри од Законодавниот дом. Еуфорија за изборот на Џафери немаше бидејќи сите селани си ја гледаат својата работа.

Важи за едно од селата кои се шират и развиваат најмногу. Постарите жители велат дека од 500 сега во него има 1.500 куќи.

Дојдов да ги прашам како живеат денес и што очекуваат од првиот премиер Албанец. На сред село сите се гостопримливи. Сакаат да зборуваат и да си ги кажат проблемите, но не пред камера.

Зад камерите велат дека Студеничани со години е заборавено од централата власт. Живеат главно од земјоделие, а младите често среќата си ја бараат надвор.

Од 17.000 во 2002, на последниот попис населението се зголемило на речиси 22.000 жители. Студеничани е меѓу ретките населени места во државата каде се раѓаат многу деца. Во селото има само едно основно училиште кое се наоѓа на врвот на брдото каде се простира Студеничани. До него се стигнува по тесна улица каде тешко се разминуваат две возила.

Во „Наим Фрашери“ учат нешто повеќе од 1.400 деца, а заедно со подрачното во соседно Моране бројката е 1.801 ученик.

Речиси без исклучок жителите велат дека неопходно е да изгради нов објект кој ќе може да ги собере сите ученици. Велат, училиштето е многу далеку, па голем број ученици мораат да одат по околу 2км пеш за да посетуваат настава.

Шаип Алиу беше единствениот жител на Студеничани кој сакаше да зборува пред камерата на Сител. Вели, мора да се направи се направи нов објект во центарот на селото.

Градоначалникот на оваа општина со доминантно албанско население вели дека во недостаток на простор, заедно со директорот на училиштетите мора да наоѓаат креативни решенија.

Сепак за комплетно да се реши проблемот градоначалникот вели дека неопходно е да се изгради нов објект.

Во Студеничани нема средно училиште, па младите одат најчесто во Драчево. Градоначалникот Салити вели дека имаат обезбедено место и готов проект, потребна им е само поддршка од централната власт и финансии за да изградат занаетичко средно школо.

Забележав дека изборот на Џафери им е во втор план. Мојот соговорник Алиу вели дека му е драго што премиерот е Албанец, но вели, работата е поважна од етничката припадност.

Талат Џафери од позиција претседател на Влада ќе има 100 дена за да покаже што може да направи од оваа функција.