Македонија
15. February 2024 - 16:37

Зошто доцнат пратките од Пошта?

Вашите пратки се во сигурни раце“ – оваа порака ќе ве пречека на почетната страна од сајтот на Македонска пошта. Но, реалноста е малку поинаква. Илјадници пратки се заглавени, а граѓаните чекаат испорака и по неколку месеци. Новогодишни честитки пратени по Пошта во ноември, им стигнале дури сега.

„4 пратки заглавени, најубаво“

„2 месеци ми стојат пакети таму, ни штрајкуваат, ни работат“

„5-6 артикли од Алиекспрес се дојдени пред повеќе од месец и еве уште не ми се предадени. Не знам зошто не се затвори таа установа“

„Од Полска до Скопје 25 дена и на пратката и се губи трагот штом влезе во Македонија“

„Јас ќе гласам за тие кои ќе ветат дека ќе ја направат поштата да функционира нормално“, се само дел од лавината реакции на социјалните мрежи.

За новиот директор на Пошта, Истрефи, состојбата не е толку лоша. Не сакаше да зборува многу оти дошол на настан за промовирање маркица по повод 60-годишнината од Уставниот суд.

„Ние денеска сме дојдени за марката да ја претставиме. Ако имате некое прашање може да дојдете таму. Ние работиме нон-стоп. Можеби има некои проблеми, но не е толку колку што кажувате вие“ - Идри Истрефи, директор на Пошта

Прашан како е можно приватните доставувачи со помали ресурси да се побрзи, Истрефи рече дека поштарите оделе и по планините.

„Ние му носиме пошта на секој човек, на пример и да е во далечните места, а овие приватните ги имаат само пунктовите во градовите, не ги имаат во селата или по планините“- Идри Истрефи, директор на Пошта

Истрефи е директор во Пошта од минатата недела. Доаѓа на местото на Бујаре Абази која беше разрешена од Владата откако застана на страната на Таравави.