Македонија
14. February 2022 - 21:16

Зошто правдата за Ласкарци и по три години е заглавена во судските лавиринти?

Два месеца е прекинато судењето за автобуската несреќа кај Ласкарци. Предметот за сообраќајката во која загинаа 16мина, го чека супервештачењето кое треба да го изработи Бирото за судски вештачења. Од таму, кратко за Сител велат дека постапиле по барањето, ама не откриваат кога анализата со причините за сообраќајката ќе пристигне во судница.

Бирото е последната адреса од која судот побарал да изработи дополнителна анализа. Факултетите во Битола, Штип и Скопје одбиле да направат супервештачење, бидејќи нивните професори веќе биле вклучени во вештачења за потребите на обвинетите и обвинителството, па како што велат од судот, предметот го испратиле во Бирото за судски вештачења.

Барањето за супервештачење следи откако беа претставени спротивставени наоди за причините поради кои автобусот излетал од патот. Според одбраната, документот немало да влијае на судењето – велат, јасно било кој е виновен за трагедијата.

Од декември до денес се одложени три рочишта за Ласкарци, а според распоредот на судот, до крајот на месецов се предвидени уште три термини. Дали странките ќе се вратат во судница зависи од Бирото за судски вештачења од кое се очекува подготовка на документот со причините за сообраќајката.

За трагедијата од февруари 2019та обвинети се возачот на автобусот, сопственикот на „Дурмо турс“ и четворица вработени во станицата за технички преглед кој ја контролирал исправноста на возилото.