Македонија
3. January 2024 - 16:36

Зошто пропадна тендерот за изградба на Чебрен?

Грците кренале раце од Чебрен оти не можеле да земат пари од банките. Според министерката за животна средина, државата изгубила со пропаѓањето на тендерот. Банкарската гаранција вредна речиси еден и пол милион евра истече на 31-ви декември и не е продолжена, па со тоа автоматски понудата не важи. Таа нема да се активира во корист на државата. Законот го предвидел тоа само ако понудувачот одбие да го потпише договорот или доколку ја повлече понудата пред да истече рокот, па правниците не успеале да најдат основ за да ја активираат.

Компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заеми од банките бидејќи станува збор за голема финансиска конструкција, околу 1 милијарда евра. Така што, за жал, морам да констатирам дека и 14-от тендер за Чебрен пропадна. Најверојатно си направиле пресметки во меѓувреме, контактирале со банките. Утврдиле дека им се потребни уште некои услови за да може да обезбедат одржливост на проектот и да обезбедат пари за да можат да го градат“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Парите не биле единствениот камен на сопнување. Несогласување имало и за тоа дали прво треба да се земе дозвола за води или пак да се потпише концесиски договор.

Откако ќе се формираше заедничката компанија помеѓу понудувачот и ЕСМ ќе требаше да си подготват документација, да пристапат кон министерството за да добијат дозвола за води. Ниедна концесија не може да биде активна без дозвола за води бидејќи дозволата за води ги детерминира условите под кои ја користите водата“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Пресудно за грчки Архиродон, спред Шукова, можеби бил и притисокот од јавноста.

Сите сме сведоци дека голем дел од експертската јавност сметаше дека не треба да одиме со концесионер, туку да го градиме сами. Можеби она што се случуваше во јавноста ја обесхрабри компанијата да продолжи со процесот“ – Каја Шукова, министерка за животна средина

Што ќе биде понатаму, Шукова не сакаше да коментира. Упати апел до енергетичарите да седнат и да размислат дали да се распише нов тендер или хидроцентралата да ја градиме сами.

Наспроти тврдењата на власта дека иако Грците барале нови услови, но Владата не дозволила, ВМРО-ДПМНЕ неколку пати реагираше дека биле менувани одлуки и се создала сложена ситуација која ќе прави проблеми и во иднина.

„Прво Владата на Заев на 24 декември 2019 година донела одлука за отпочнување на постапката, во која се вели дека на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе и биде отстапена и хидроцентралата „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне изградбата. По кратко време власта ја презема техничката влада предводена од Оливер Спасовски, која носи нова одлука на 4 февруари 2020, со која се бришат сите овие обврски наведени во првичната одлука. А две недели подоцна е објавен и јавниот повик, и во него избришаните обврски повторно се појавуваат. Ситуацијата дополнително се комплицирала со тоа што во меѓувреме е објавен повикот за компаниите да учествуваат во пред квалификацијата, во кој се вели дека победничката компанија ќе ја добие ХЕЦ „Тиквеш“ три месеци откако ХЕЦ „Чебрен“ ќе почне со работа, односно ќе биде завршена градбата“, велат од партијата.

Ваквата временска разлика, според опозицијата, би чинела 100 милиони евра.

Планови за енергетски проект на Црна Река се кројат уште од ’60-тите, а сосе овој, пропаднати се вкупно 14 тендери за 20 години.